Ова е само крајот на светот (ПРЕМИЕРА)

Семејна средба што трае еден ден – и остава траги за цел живот. По дванаесет години, Луис се враќа дома. Доаѓа со причина што не се кажува лесно, а можеби ни не може да се каже. Околу него – мајката, братот, сестрата и снаата – сите подготвени за разговор, но секој заробен во сопствениот начин на љубов, грижа и одбрана. Зборовите се судираат, молчењата стануваат погласни од викотници, а времето постојано лизга напред и не чека никого.
Во оваа прецизно напишана и динамична драмска партитура, секојдневните разговори се претвораат во сцени на блискост, недоразбирање и нежност. Се смееме таму каде што е непријатно, препознаваме ситуации што сите сме ги живееле и чувствуваме колку е тешко – и неопходно – да се биде искрен со оние што ни се најблиски.
„Ова е само крајот на светот“, според истоимената драма од авторот Жан-Лик Лагарс, е претстава за семејството како најинтензивен простор на љубов и судир, за моментите кога сакаме да кажеме сè, а изговараме премалку, и за оние средби што изгледаат обично – додека не сфатиме дека ништо повеќе нема да биде исто.
