Странци

Што ќе се случи доколку скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решава или, пак, отвора нов проблем? Колку вистината за/на другиот удира директно во неговиот приватен простор, а колку задира во просторот на останатите? Дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе? Мобилните телефони се нашите „црни кутии“?! Колку овие „црни кутии“ нѐ отуѓуваат еден од друг? „Странци“, по текстот на Паоло Геновезе, е „драмомедија“ во која седуммина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со поствистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања. Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас (на)прави подобри луѓе?
